Вести

Жири за категоријата „Најдобар еколошки филм“

Категоријата „Најдобар еколошки филм“ ја имаме четврта година по ред. Нескриено восхитени од богатата работа на Македонското еколошко друштво, нескриено и се радуваме што продолжуваат да бидат наш партнер во повеќе програмски елементи на нашиот фестивал, па така повторно и во натпреварувачкиот сегмент, при што нивни членови се жири за категоријата „Најдобар еколошки филм“.

Жирито оваа година:
Фросина Пандурска-Драмиќанин е родена во 1983 година во Скопје. По образование е филолог и магистер по социолошки науки, а е проектен координатор во Македонско еколошко друштво. Има долгогодишно искуство како лице за односи со јавност, новинар и преведувач и толкувач од албански јазик и обратно. Во периодот од 2007–2010 година како новинар во ТВ Алсат-М има добиено 5 новинарски награди од меѓународни организации на повеќе теми (климатски промени, заштита на диви видови, сиромаштија и културен соживот). Во Македонското еколошко друштво работи од 2011 година, каде преку својата работа се залага за воспоставување нови заштитени подрачја во земјата. Од 2015 година е член на платформата „Пријатели на Шара“, којашто беше најактивна во поддршката на процесот за прогласување на Шар Планина за национален парк.
-
Данка Узунова е израсната во Гевгелија. Од мали нозе покажува интерес за природата, кој продолжува во студии по екологија и професионално истражување на птици. Преку 10 години работи во Македонско еколошко друштво, каде директно придонесува за развојот на орнитологијата (наука за истражување птици) во Македонија. Нејзин најзначаен придонес е подобрување на познавањето на презимувачките водни птици во Македонија и во развојот на Вториот европски атлас на птици гнездилки. Моментално, таа е претставник на координаторите за зимско пребројување на водни птици на територијата на Западен Палеарктик.
-
Александар Павлов е роден во 1986 година во Скопје. По образование е лингвист и биолог и е проектен асистент во Македонското еколошко друштво. Има долгогодишно искуство како преведувач и толкувач од англиски јазик и обратно. Од 2018 година работи во Македонското еколошко друштво (МЕД/MES) на Програмата за закрепнување на балканскиот рис. Низ своите професионални активности тој се бори за овој редок подвид преку едукација во основните училишта и заложби за прогласување заштитени подрачја во земјата. Честопати е во природа, каде врши теренски истражувања на крупни месојадни животни и ситни цицачи, а се вклучува и во останатите активности на Друштвото.
-
Арта Старова работи во Македонско еколошко друштво како проектен асистент од 2020 година. Моментално работи на проект против труење на дивите животни со фокус на заштита на мршојадците во државата и проект за одржлив развој во регионот Шара/Кораб-Коритник. Старова има дипломирано на екологија, социологија и социјална географија во Холандија. Таа има пасија за традиционално овчарство и односите меѓу
луѓето и животната средина и смета дека мултидисциплинарниот пристап кон екологија го збогатува знаењето на човекот за сложеноста на природа и светот околу нас.

Партнери

Поддржано од

Член на: