Вести

Победници на ЕХО 2021

Ви ги претставуваме победниците и објаснувањата на жиријата:

Ѕид на сенки - Гран При
режија: Елиза Кубарска, Полска, 92’
Објаснување од жирито:
Класична приказна за конфликт помеѓу мудроста на традицијата и лудилото на модерното - поставена во подножјето на огромните непалски планини и раскажана преку прекрасни планински фотографии, интензивни дијалози и бавни и обмислени ритми. Пред се’, трагичен крај, раскажан со неколку тивки сцени (придружени единствено со страшниот здив на невремето), сцени на невообичаено експресивна моќ, кои прават гледачот целосно да учествува во драмата која се открива пред него. Еден од најдобрите планински филмови!

Со Господ напред, Полјаци - Најдобар долгометражен филм
режија: Адам Нерот, САД, 88’
Објаснување од жирито:
Ролеркостер од непредвидливи ситуации и заплет кој единствено животот може да го напише, придружено со ризични и наивни одлуки, но како што се вели - среќата ги следи храбрите. Експедиција која се претвора во протест за слобода и која го менува животниот тек на протагоностите, мора да се смета за една од најголемите авантури!

Исповедувањата на еден тркач - Најдобар краток филм
режија: Бачар Катар, Либан, 29’
Објаснување од жирито:
„Времето кое го поминувам во планините е како духовно искуство за мене.
Ме исцели...“ Ова е цитат од емотивно животно исповедување, приказна за исцелување и спасение, која е драматично испреплетена во голем проект на еден докажан планински тркач. Тоа мајсторско раскажување и визуелно изразување, принудуваат сочувство за поддршка кон протагонистот - да успее да ја исполни целта, во обидот да ја финишира 470-километарската патека преку либанските планини.

Миртл Симпсон - Живот на мраз - Најдобар филм за Култура и природа
режија: Ли Ен Сајдс, САД, 34’
Објаснување од жирито:
Филмот не не’ импресионираше за тоа дека се работи за првата жена која го поминала поларниот мраз на Гренланд, туку заразниот дух на вистински авантурист. Миртл Симпсон е доказ дека вистинската пасија за експедиција и авантура, не престанува кога се станува родител, туку тоа го прави искуството уште поавантуристичко и поубаво, споделувајќи го со своите деца.

Во планината - Специјално признание
режија: Лукас Ратон, Бразил, 8’
Објаснување од жирито:
„Во планината“ е многу важна лекција, за почитувањето на моќта на мајката природа - раскажана во шармантни 7 минути. Овој краток филм ве обзема уште во првите неколку сцени. Освен тоа што во него на место се сите артистички аспекти, тој исто така во себе има многу убава духовна лекција, исплетена преку нарацијата на нежниот глас на протагонистот.

Од океанот до Асгард - Најдобар качувачки филм
режија: Хедер Мошер, Канада, 34’
Објаснување од жирито:
Слобода, насмевки, исполнување, слатко чувство на премор... Ова се чистите емоции кои зрачат од овој филм и кои секој ги чувствува кога оди да качува планини или карпи. Или едноставно, затоа што ја сака недопрената природа. Отсуството на професионална филмска екипа и начинот на кој сите овие емоции се искажани преку сликата и звукот, прави публиката,
дури и само на момент - да биде заедно со четирите пријатели во нивната авантура, при искачувањето на нови насоки по големи карпи и симнувањето по дивите речни води.

Матерхорн - Лавовскиот гребен - Најдобар планински филм
режија: Алесандро Белтраме/Ерве Бармас, Италија, 35’
Објаснување од жирито:
Познатиот италијански алпинист, Ерве Бармас, го води гледачот по искачувањето на Лавовскиот гребен - можеби најтешкиот гребен на Матерхорн. При качувањето, Бармас ја раскажува алпинистичката историја на оваа планина, што ја прави приказната на филмот посебно интересна. Прекрасните сцени, повеќето од нив снимени со дрон и добриот наративен ритам, го прават гледањето на овој филм вистинско уживање - не само за алпинистите.

Песни на Духовите од водата - Најдобар Еколошки филм
режија:Николо Бонџорно, Италија, 100’
Објаснување од жирито:
Дали поуки се извлекуваат од проекции чија цел е да ни раскажат приказна, наместо да нè забавуваат? Овој документарец ни ја прикажува суровата вистина за човековиот разорен ефект врз природата. Преку богатиот наратив, кој нè рашетува низ фолклор, лингвистика, активизам и иновација, посведочуваме за грамадноста на планините и за „невидливиот простор што го заземаат во нас“. Притоа, величенствениот крајолик прикажан од птичја перспектива нуди само краткотраен комфор: се спуштаме и бргу стануваме свесни како покрај древните ступи се трупа ѓубре; како земјата се претвора во игралиште каде главна награда се „фалбаџиски права“; како човековите спорови ништат цели екосистеми и култури. А за нагите што се грчат во бол, не се доволни лековити торми. Редно е да се вклучи и современиот човек. Повремено одекнува апелот „Живеј едноставно!“, а ние гледаме ледени ступи, чуден призор во пустината на Ладак. Песни на Духовите од водата е сведоштво за исконската врска помеѓу човекот и природата, но и за уништувањето што тој ù го предизвикува.

Партнери

Поддржано од

Член на: