) „Не мора далеку за авантура: 8 години качување на карпите во Македонија“
– Радован Џепароски, алпинист и член на Алпинистички клуб Скопје.
„Презентацијата ќе ги опфати моите почетоци и запознавањето со качувањето, а потоа и текот на овие 8 години активности и качување.
Преку фото-приказни ќе се запознаеме со карпите во Македонија, првенствени насоки и недопрени предели. За истражување и одлична авантура не мора да одиме некаде далеку. Напротив, тука кај нас, во Македонија, има многу што да се понуди. Или, како што би рекле на мајтап по Струшки: „Има работа кому му се работи!“ ��“
2) „Суперкулоар под Такул: чекор понатаму во алпинизмот“
- Илија Циривири и Мартин Пејоски, алпинисти и членови на Aлпинистички клуб Матка и Aлпинистички клуб Патагонија.
На крајот на зимата и почетокот на пролетта, во зимски услови, Илија Циривири и Мартин Пејоски ја искачија насоката Суперкулоар под Такул. Ова искачување претставуваше голем чекор напред во техничкиот алпинизам за нашата генерација. Но зад овој успех стојат години работа, многу зими поминати во качување мраз, отворање нови првенствени насоки во Македонија, како и неуспешни обиди во Алпите.
„Секоја вертикална формација претставува тест на физичката издржливост, но и на психолошките граници на човекот. Постојат средини каде што грешките не се простуваат, а мотивот за соочување со суровата реалност на планината останува неразбирлив за поголемиот дел од јавноста.“
Преку своето искуство, Илија и Мартин ќе зборуваат за патот до ова искачување, за предизвиците, неуспесите и лекциите што ги носат, но и за мотивите што ги тераат повторно да се враќаат на вертикалните предизвици. Приказна за алпинизмот без романтизирање и клишеа. За работата што му претходи на успехот, за границите што се поместуваат и за оние што избираат да одат подалеку од вообичаеното.







