Жири комисија

Победникот на овогодинешното Ехо, ќе биде одбран од следново жири


  


Професор Др. Ферид Мухиќ ги воспеал и им се поклонил на планините од Аљаска до Борнео. Пешки го изодел Балканот и се искачил на сите негови врвови кои се издигаат над 2000 метри надморска височина. Секогаш сам, никокаш осамен. Патувал од еден до друг крај на светот. И повторно, секогаш сам никогаш осамен. Честопати во придружба на неговата тотемска икона, сивиот сокол фалко перегринус – големиот патник. Го сакаат децата, кучињата и коњите. Осознал дека го разбира говорот на шумата, беседите на древните дабови, воскликот на елегантните борови. Честопати задлабочен во дијалог со животните, тој зборува со цвеќињата, тревите и ѕвездите. Оваа моќ му ја дарувал змијскиот цар во сенката на моќниот даб крај Модар Вир, на реката која се вика Црна и која е Nigra sed Formosa! – „Црна, но убава“!

Предава Модерна и Соврмена Филозофија на Универзитетот Св Кирил и Методи во Скопје. На овој Универзитет прв ги вовел предметите Филозофска антропологија, филозофија на религијата, политичка филозофија. Предавал и Естетика, Етика, Логика, Херменевтика, Постмодерно мислење. Тој е визитинг професор на повеќе универзитети ширум светот од Европа преку САД, до Малезија и Сингапур. Бил член во жири комисии на неколку реномирани филмски фестивали во Европа. 

 

 

  





Ендру Гудспид е роден во Њујорк. Има дипломи од Универзитетите во Мичиген и Оксфорд, а и од Тринити Колеџ во Даблин. Негова област на експертиза се англискиот јазик и литература, англо-ирската литература и рускиот јазик и литература. Предава англиски јазик на Универзитетот на Југоисточна Европа, каде што служи и како  Провост и Проректор за истражување.

Има пишувано многу за делата на Пинтер, Т.С. Елиот, Бекет, како и бројни рецензии на модерни поети. Неговиот увид во тоа што е во основа мошне комплексен корпус на литература и поезија - е просветлувачки и беспрекорен. Тој и самиот пишува поезија од која извира најдлабок сензибилитет. Кога не е во Скопје, тој го поминува најголемиот дел од своето време во Денвер, Колорадо, опкружен од блаженството на грациозните планини. Тој свири на ситар, индиски инструмент кој истовремено исполнува со моќ и мир.


 

 


   




Борјан Зафировски е роден 1976 во Скопје, Република Македонија. Во 1999-та година дипломирал на факултетот за Драмска уметност – отсек Филмска и ТВ режија во класата на Столе Попов, а 2001 специјализирал на Европскиот Филмски Колеџ во Данска, а 2013-та магистрирал на Факултетот за Драмски Уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје, отсек филмско и ТВ сценарио во класата на Сашко Насев.

Автор е на неколку долгометражни филмови, повеќе кратки филмови и многу видео записи. Присутен е силно на Скопската сцена на независниот филм од самиот почеток на својата работа. Истовремено добитник е на награди и признанија за некои од неговите филмови



  





Влатко Галевски е роден 1946 година. Студирал правни науки и музика. Филмски критичар. Дваесет донини е член на Октет Македонија (баритон). Пет години е уредник на видео-изданијата на Македонија филм. Од 1993-1998 година е уредник на филмската програма на А1 ТВ и автор е на емисиите Синема и Синеманија. Вокалист е во музичкиот проект Октоехос и има работено како продуцент, директор на фотографија и ко-автор на музиката во филмот Маклабас. Член е на ад-хок групата FYROM Experiment и автор е на книгата Фацерија. Актер бил во филмот на Ацо Станковски, Самит на Шаманите и 20 години е автор и водител на емисијата Слушајте Филм на (Радио Уно, Македонско радио, радио Равел) радио Метрополис. Работел како уметнички соработник на Македонската филхармонија на 4 концерти на филмска музика. Бил член и претседател на неколку филмски жирија (Брака Манаки, Астерфест, Синедејс, МакеДокс) .Автор е на преку 600 филмски рецензии и од 2001-2011 година е уредник за култура и уметност во (месечникот) неделникот Форум.



    





Игор Анѓелков е роден на 05 ноември 1974 година во Скопје. Дипломирал на "Интердисциплинарните студии по новинарство", а магистрирал на мастер студиите по "Медиуми и комуникации" на Правниот факултет при Универзитетот "Св. Кирил и Методиј" во Скопје. Активно е присутен во периодиката со низа критички осврти и рецензии од областа на филмот и музиката. Неговите текстови беа (и се уште се) дел од списанијата како "Мој клуб", "Глобус", "Нова Македонија", "Утрински весник", "Дневник", "Урбан Магазин", "Тротоар", "Град"... Долго време беше дел и од екипите на скопските "Канал 103" (1997-2003, емисија за филм "REDRUM," алузија на Кјубриковиот филм "Shining") и радио "Равел" (2003-2009). Од 2003-та,  веќе единаесет години е автор и уредник на филмскиот магазин "Филмополис" на ТВ Телма, единствената актуелна емисија во македонскиот етер која се занимава со Седмата уметност. Анѓелков зад себе има и три книги: збирката раскази "Кротки приказни" (2006), и романите "Крај-пат" (2010) и "Фото синтеза" (2013), во издание на ИЛИ-ИЛИ.