Добитници на награди

Добитници на награди

Наградените филмови и видео на овогодинешното издание на Планинскиот филмски фестивал EХО:

1. Гран при

Главната награда за најдобар филм ја добиваат два филма:

„ТОМ“ (Италија. Анхел Естебан и Елена Гоатели) и „ЈУРЕК“ (Полска, Павел Визоцански)

„Том“ - поради конзистентноста на сите филмски елементи, развојната драматуршка линија, наративната и дијалошката структура - исклучително дозирана, луцидна и суштинска. Поради блескаво исцртаните карактери на таткото и синот и поради синергијата на визуелното и музичкото во филмот. Блескаво и убедливо.
„Јурек“ - Приказната за големиот Јержи Кукучка раскажана на супериорен начин, со сите филмски елементи што треба да ги содржи. Особено пленува со поставувањето на приказната во контекст на општествено-политичките случувања во Полска, каде што авторот не се обидува да политизира, туку да ја прикаже чудната, но и духовитата страна на обидот за комерцијализација на планинарството во 80-те години. Прекрасен филм!

2. Специјалното признание (Special mention) 
Во годинашнава силна конкуренција, жирито го доделува на словачкиот филм „СЛОБОДА ПОД ТОВАР“ во режија на Павол Барабaш.
Приказната за неколкумина „носачи“ на потребштини за планинарските домови на Татрите е приказна за страста раскажана со страст. Сосема необичен начин да се практикува и доживува слободата... Слобода да ја качуваш планината, слобода да носиш товар од 150 килограми... Или како што еден од нив вели: „Како учител, на часовите ми се одмараше телото, а на планините - умот. Ретко значајно и шармантно филмско дело!

3. Наградата за најдобар краток филм 
Во извонредно силната конкуренција, жирито одлучи да му ја додели на филмот „АЛЕК, КОЉО, БОЈАН И САША НА МАТЕРХОРН“ во режија на Горан Вучиќ, поради школскиот пример како треба да се изработи краток документарец за еден значаен подвиг како што е искачувањето на Матерхорн, а притоа да одвоите простор и за непосреден хумор, но и за моменти и предизвици кои не’ замислуваат. Филм со здрава документарна срцевина!

4. Најдобро кратко видео
При прогласувањето жирито се обрати кон салата: 
„Не знаеме дали е во салава? ЏОКО, ЏОКО?“
„ЏОКО И ПЛАНИНАТА“ на триото Подлешанков, Каракаш и Видановски.
Ова филмче внесува извонредна свежина во процесот од идеја до реализација!

Жири на ЕХО 2016 во состав:
Проф. Др. Ферид Мухиќ,
Проф. Ендру Гудспид,
Игор Талевски
Игор Ангелков и
Влатко Галевски