Зима на 8 000

Оваа година Ехо повторно објавува книга. Посветена е на искачувањето на планините повисоки од 8000м - во зимски услови и е од авторката Бернадет Мекдоналд.

„Зима на 8 000 – искачување на највисоките планини во најстудената сезона“, Бернадет Мекдоналд
Можеби не би очекувале качувањето на планините повисоки од 8 000 метри да биде популарна активност, но сепак статистиката покажува дека заклучно со 2019 година, во најсуровата сезона, во Хималаите и во Каракорум, биле организирани 178 експедиции.
Полскиот алпинист, Војтек Куртика, го именуваше овој начин на практикување на алпинизмот: „уметноста на страдањето“. Приказните почнуваат со оригиналните „ледени водини“ – Анджеј Завада и неговите полски тимови на хималајски алпинисти, кои систематски направиле први зимски искачувања на повеќе од половината планини повисоки од 8000 метри.
Но, иако Полјаците доминираат во оваа зимска игра цела една генерација, целосната приказна е интернационална: швајцарската алпинистка Маријан Шапуисат станува прва жена која направила искачување на планина повисока од 8 000 метри, Американецот Кори Ричардс прави драматично искачување на Гашербрум 2, заедно со Италијанецот Симоне Моро и Казахстанецот Денис Урубко итн.
Наградуваната авторка, Бернадет Мекдоналд, патува интензивно по светот, за да направи интервјуа со што поголем број од алпинистите споменати во оваа книга, вклучувајќи ги помеѓу нив и Елизабет Револ, француската алпинистка која го направи првото зимско искачување на Нанга Парбат, заедно со полскиот алпинист Томек Мацкиевич, како и интервју со Ана Мацкиевич, сопругата на Томек, кратко по неговата смрт на планината и драматичното симнување и спасување на Елизабет... Личното познавање на повеќето силни алпинисти на Мекдоналд, како и нејзината умешност да навлезе во нивните емоции и семејните приказни и истории, ја прави оваа книга „Зима на 8 000“, интимно искуство, кое многу често недостасува во планинската литература.
***
Бернадет Мекдоналд има вештина и искуство со кои го опфаќа најголемиот хималајски калеидоскоп, неговата епска историја, но задира и во индивидуалните човечки судбини.
ЕНДИ КИРКПАТРИК, НАГРАДУВАНИОТ АВТОР НА „ПСИХОВЕРТИКАЛНО“ И „СТУДЕНИ ВОЈНИ“
Во „Зима на 8 000“, Бернадет Мекдоналд повторно ни го покажува својот клучен придонес во алпинистичката историја. Преку својата живописност и проникливиот увид, таа евоцира еден свет што малкумина лично го доживуваат: пејзажи од црн мраз, редок воздух и немилосрден студ, како и занесните душевни предели на луѓето заведени од изолацијата на највисоките врвови во најтемните месеци.
КЕЈТИ ИВС, ГЛАВНА УРЕДНИЧКА НА „АЛПИНИСТ“
Читајќи ја одличната книга на Бернадет, ми надојдоа спомени од нашиот обид на jугозападната страна на Еверест, есента во 1972 година, кога нѐ совладаа ветрот и незамисливиот студ. К2 е единствениот врв од 8 000 метри сѐ уште неискачен зиме. Познат е како најтешката и најопасната планина во светот, а неговото прво зимско искачување и понатаму претставува огромен предизвик за сегашните и идните алпинисти.
СЕР КРИС БОНИНГТОН
Ниту едни приказни не се толку застрашувачки, драматични и трогателни како битките во недоглед, честите трагедии и ретките успеси во зимскиот хималајски алпинизам.
СТИВ ХАУС, АЛПИНИСТ, АВТОР НА „ЗАД ПЛАНИНАТА“
Мекдоналд блеснува пламено и интимно светло во душите на оние што се водат себеси до работ на човечки возможното. Вистинска алпинистичка класика.
ЏИМИ ЧИН, КОРЕЖИСЕР НА „СЛОБОДНО СОЛО“

По промоцијата, следува филмот:

“Ледените воини”, Кшиштоф Виелицки/Јен Широки/Ана Мариа Филипов, Полска, 2008, 54’
Полските алпинисти се зачетници на зимскиот алпинизам во Хималаите и се автори на први зимски искачувања на осум планини повисоки од 8000м (до моментот на продукција на овој филм). Ова е поглед кон првите зимски успеси на Еверест, Кангченџунга, Лотце, Чо Оју, Даулагири, Манаслу, Анапурна и Шиша Пангма (од серијата „Полските Хималаи“).

 

Партнери

Поддржано од

Член на: